Хидрографската територија на Северна Македонија припаѓа на следните речни сливови: сливот на реката Вардар, кој гравитира кон Егејското Море, сливот на реката Црн Дрим, кој ги опфаќа сливовите на Преспанското и Охридското Езеро, гравитира кон Јадранското Море и сливот на реката Струмица гравитира кон Егејското Море. Многу мал дел од хидрографската територија се влева во сливното подрачје на реката Јужна Морава. Овие главни речни сливови се поделени во десет подсливови: Лепенец, Пчиња, Брегалница, Струмица, Треска, Црна Река, Црн Дрим, Горен вардарски, Среден вардарски и Долен вардарски слив.
Сливот на Вардар, во кој спаѓаат со подсливовите Лепенец, Пчиња, Брегалница, Треска, Црна Река, Горен вардарски, Среден вардарски и Долен вардарски слив, опфаќа 80 отсто од вкупните водни тела во земјава што го прави клучен ресурс во дури 68 општини.
Проектот „Подобрена имплементација на Директивата на ЕУ за поплави преку хармонизација на националното законодавство и подготовка на планови за управување со ризици од поплави“,за реализација на активностите прибра историски податоци од официјални извори, кои даваат преглед на поплави низ годините.

Најстариот запис за поплава датира од 1778 година, архивиран во списите од старата скопска митрополија. Исто така, архивирани се и податоци за поплави во 1858 година, во 1876 година, поплавите во 1895 и 1897 година, во кои најмногу страда центарот на Скопје, што е и причина за првата регулација на коритото од страна на Хафус паша -скопски валија, во 1903 и во 1916 година, во која регулацијата помогнала да се спречи излевањето на Вардар на левиот брег, но затоа Скопско Поле било целосно поплавено.
Редовното хидролошко набљудување на водостојот на реките во земјава започнало во периодот 1923/1924 година. Исто така, во периодот пред 1923 година не постојат набљудувања ниту на врнежи според кои би можело да се направи проценка на големи води.
Прибраните историски податоци за периодот од 1778 до 2022 година регистрираат 199 поплави во сливот на Вардар. Најмногу на реките Брегалница, 70 регистрирани поплави, и Вардар со 68 поплави.
Табеларен преглед на историски поплави во вардарскиот слив (по речни подсливови):
Овие податоци покажуваат дека Северна Македонија е особено ранлива на поплави, а веќе се соочува и со екстремни бури и со почести суши. Периодот помеѓу 2014 и 2016 година се издвојува со обилни дождови кои предизвикаа големи поплави, што доведе до значителни загуби, па дури и до трагична загуба на 22 животи во август 2016 година.
Ризиците од поплави растат и поради природни и човечки причини. Неодамнешните катастрофи покажаа големи слабости во начинот на следење, управување и реагирање на поплавите. Сега постои пошироко разбирање дека е потребна посилна акција – не само подобро инженерство, туку и подобро планирање, подготовка и инвестиции во превенција, што е и целта на проектот „Подобрена имплементација на Директивата на ЕУ за поплави преку хармонизација на националното законодавство и подготовка на планови за управување со ризици од поплави“.
Преку усогласувањето со Директивата за поплави на ЕУ, Северна Македонија земјата ќе го подобри управувањето со ризиците од катастрофални поплави и подобро ќе ги заштити луѓето, земјиштето и средствата за живот од идните климатски влијанија.



















