Информации за проектот

Проект: Подобрена имплементација на Директивата на ЕУ за поплави преку хармонизација на националното законодавство и подготовка на планови за управување со ризици од поплави

Референтен број: NEAR/SKP/2023/EA-RP/0174

Финансирано од: Европска Унија

Договорен орган: Оддел за централно финансирање и склучување договори (CFCD), Министерство за финансии, Република Северна Македонија

Корисник на проектот: Министерство за животна средина и просторно планирање,

Имплементација на проектот од: EPTISA Southeast Europe d.o.o и нејзиниот конзорциум

Времетраење на проектот: 30 месеци (02/2025 – 08/2027)

На 18 октомври, во Градскиот парк во Скопје, граѓаните ќе имаат можност да научат како да се подготват за поплави, да ги препознаат ризиците и да реагираат навреме.

По повод Меѓународниот ден за намалување на ризикот од катастрофи 2026, проектот „Подобрена имплементација на Директивата на ЕУ за поплави преку усогласување на националното законодавство и подготовка на планови за управување со ризикот од поплави“ организира јавен едукативен настан под мотото „Отпорноста почнува дома“.

Настанот ќе се одржи во недела, 18 октомври 2026 година, од 11:00 до 14:00 часот, во просторот „Школка“ во Градскиот парк во Скопје. Настанот е отворен за сите граѓани, а активностите се наменети за семејства, родители, деца и сите што сакаат да дознаат повеќе за подготвеноста при поплави.

Патека на отпорноста: пет чекори што можат да направат разлика

Централниот дел на настанот ќе биде Патеката на отпорноста – интерактивно патување низ пет практични чекори:

  • ЗНАЈ – дознај што е опасност, а што е ризик од поплава, и зошто е важно да ги познаваме ризиците во нашата околина.
  • ПОДГОТВИ СЕ – провери колку е подготвено твоето семејство, што треба да содржи итната торба и зошто е важен семејниот план.
  • ПРЕПОЗНАЈ – научи да ги препознаваш предупредувањата и опасните ситуации и да реагираш навреме.
  • РЕАГИРАЈ – дознај како безбедно да постапиш при опасност од поплава и зошто е важно да ги следиш упатствата на надлежните служби.
  • ПОБАРАЈ ПОМОШ – дознај кога и како да го користиш бројот 112 и кои информации се важни при пријавување итен случај.

Преку информативни панели, практични совети, квизови и едукативни активности, посетителите ќе можат да го проверат своето знаење и да научат што можат да направат за да бидат подобро подготвени.

Што ќе можат да видат и научат посетителите?

На тематските точки ќе бидат претставени разликата меѓу поплавната опасност и ризикот од поплава, значењето на картите на опасност и ризик, основните елементи на итната торба и практичните чекори за безбедно постапување при опасност.

Посетителите ќе добијат и информации за тоа како се проценуваат и мапираат ризиците од поплави, како се планираат мерките за нивно намалување и како подоброто познавање на ризиците придонесува за побезбедни заедници.

Посебно внимание ќе биде посветено на најмладите, преку детски активности што ги поттикнуваат да размислуваат за сопствената безбедност и за едноставните чекори што можат да ги преземат заедно со своите семејства.

На настанот ќе учествува и Црвениот крст на Република Северна Македонија, со активности поврзани со подготвеноста и одговорот при катастрофи, првата помош и важноста на солидарноста и поддршката во заедницата.

Од знаење до подготвеност

Намалувањето на ризикот од поплави започнува со подобри информации, планирање и навремена подготовка. Кога знаеме кои ризици постојат, како да ги препознаеме предупредувањата и што да направиме во итна ситуација, можеме да придонесеме за поголема безбедност на нашите семејства и заедници.

Преку проектот, кофинансиран од Европската Унија, се работи на подобрување на националната рамка за управување со ризикот од поплави, процена на ризикот во 10 речни подсливови, подготовка на карти на опасност и ризик од поплави, планови за управување со ризикот и план за имплементација на систем за рано предупредување од поплави.

Јавниот настан ја поврзува оваа работа со секојдневниот живот на граѓаните и покажува зошто подоброто планирање и информирањето се важни за заштитата на луѓето, домовите и заедниците.

Не можеме секогаш да ја спречиме поплавата, но можеме да го намалиме ризикот и да се подготвиме да реагираме навреме.

📅 Кога: недела, 18 октомври 2026 година, од 11:00 до 14:00 часот
📍 Каде: „Школка“, Градски парк, Скопје
👨‍👩‍👧‍👦 Кој може да присуствува: сите граѓани – деца, родители, семејства и заинтересирани посетители.

Ве покануваме да ни се придружите и да ја поминете Патеката на отпорноста!

ЗНАЈ. ПОДГОТВИ СЕ. РЕАГИРАЈ.

Настанот се реализира во рамките на проектот за подобрена имплементација на Директивата на ЕУ за поплави, со поддршка на Европската Унија.